Преглед на вестите од светот
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас денеска истакна дека пратеник на ЕУ за Сирија ќе оди во Дамаск за да разговара со новото раководство предводено од исламистите, додека западните сили го засилија ангажманот по соборувањето на Башар ал Асад.
Таа рече дека ЕУ сака Сирија да биде мирна и слободна земја.
Со специјален авион, кој полета од рускиот воен аеродром Хмеимим во Сирија, Русија префрли дел од персоналот од својата амбасада во сирискиот главен град Дамаск, објави руското Министерство за надворешни работи во Москва.
Покрај персоналот на руската амбасада, евакуирани се и вработени во дипломатските претставништва на Северна Кореја и Белорусија, како и персонал од мисијата на непризнатата отцепена република Абхазија, пренесе ДПА. Сепак, се нагласува дека руската амбасада во Дамаск не е затворена и продолжува со работа, но не се наведува причината за делумната евакуација.
Русија со години го поддржуваше соборениот сириски претседател Башар ал Асад, кој по превратот во Сирија минатата недала со руска помош беше транспортиран од Дамаск во Москва каде што доби политички азил.
Русија во моментов се обидува да преговара со новите власти во Сирија во врска со користењето на воениот аеродром Хмеимим и поморската база во Тартус.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе се соочи со Парламентот за да го поттикне процесот кон изборите на 23 февруари, со надеж дека ќе може да се надмине политичката криза и да освои втор мандат.
Шолц (66), чија коалиција пропадна минатиот месец, свика гласање за доверба што се очекува да го изгуби, со што се отвора патот за распуштање на Бундестагот и враќање на гласачките кутии.
Во Белград на повеќе локации во текот на вчерашниот ден беа поставени блокади во знак на протест поради жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, пренесува Бета.
„Ако нема правда за народот, нека нема мир за власта“, беше една од паролите. Студентите 15 минути блокираа дел од булеварот „Крал Александар“, како и улицата кај Земјоделскиот факултет, оддавајќи им почит на жртвите од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Дедо Мраз што нурка е вистинска атракција повеќе од 15 години во аквариумот во Сиетл. Ова може да се види во последниот месец од годината – декември. Дедо Мраз плива меѓу рибите, алгите и другите морски животни што живеат во водите во Пугет Саунд и крајбрежните води на Вашингтон. Нуркачкиот Дедо Мраз е всушност Анде Фибер, 30 годишна истражувачка нуркачка на Универзитетот во Вашингтон, која исто така волонтира во аквариумот.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар