Loading Video...
Свет
14. December 2024 - 16:34

Преглед на вестите од светот

САД за неколку дена ќе воведат целосни санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) поради руската сопственост. Информацијата вчера во телевизиско интервју ја откри српскиот Претседател.

Санкции против најголемата нафтена компанија во Србија ќе предизвика сериозни проблеми во енергетскиот систем на нашиот северен сосед. Како што објасни Вучиќ тоа ќе значи дека Србија веќе нема да може да го користи јадранскиот нафтовод. 

Тој се сомнева дека санкциите имаат за цел да ја натераат Србија да воведе санкции против Русија, чекор кој рече дека Белград не е подготвен да го направи. 

Руски Гаспром со 56% од акциите е доминантен сопственик во српски НИС. Вучиќ кој не криеше дека ова е голем удар за Србија најави разговори и со САД и со Русија 

Парламентот на Јужна Кореја го отповика претседателот Јун Сук Јеол, гласајќи да го суспендира од службените должности поради неговиот минатонеделен обид да воведе воена состојба.

Претседателските овластувања и должности на Јун ќе бидат суспендирани откако копии од документот за отповикување ќе бидат доставени до него и до Уставниот суд кој пак има 180 дена да донесе конечна одлука за крај на неговиот мандат. Отповиканиот Претседател вели дека ќе се повлече, но нема да се откаже од мандатот и ќе се бори до последен момент. 

Според Уставот, премиерот Хан Дак-су, назначен од Јун, станува вршител на должноста претседател. Јун е вториот конзервативен претседател кој е отповикан во Јужна Кореја откако иста судбина во 2017 доживеа претседателката Парк

Одлуката на Собранието беше пречекана со воодушевување од повеќе илјадници демонстранти кои неколку дена се на улиците во Сеул. 

Земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала ноќеска го погоди регионот Мауле на крајбрежјето на Чиле. Земјотресот бил почувствуван во централните и северните региони на Чиле, вклучувајќи го и главниот град Сантијаго.

Националниот систем за спречување и одговор при катастрофи на Чиле соопшти дека нема извештаи за предизвикана штета или за жртви ниту пак опасност од цунами.