Loading Video...
Свет
21. November 2026 - 16:32

Преглед на вестите од светот

Американскиот претседател предупреди дека САД ќе спречат евентуален напад со таканаречена „валкана бомба“, откако се појавија информации дека Иран можеби подготвува вакво оружје. Според Си-Ен-Ен, американските разузнавачки служби располагаат со информации за можен план на Техеран да детонира бомба со радиоактивен материјал во Вашингтон.

Иран ги отфрли обвинувањата како неосновани, додека американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека нема информации за непосредна закана од напад врз американската престолнина.

Две лица, меѓу кои седумгодишно дете и медицински работник од Брзата помош, загинаа, а 58 се повредени во руски напад врз украинскиот град Криви Рих.

Според украинските власти, руска ракета погодила простор пред ресторан во кој имало цивили и медицински лица, а додека спасувачките екипи ги евакуирале повредените, следувал и втор напад со дрон.

Во меѓувреме, руските власти во окупираниот дел на Луганск соопштија дека во украински напад загинале шест лица, меѓу кои и 13-годишно дете, а уште петмина се повредени.

Обилните дождови предизвикаа големи поплави во американската сојузна држава Флорида, каде што улиците се под вода, а бројни возила останаа заглавени.

Во градот Кокоа, жителите се пробиваат низ поплавените улици носејќи деца и домашни миленици, додека Националната гарда и специјалните единици на американската војска учествуваат во спасувачки операции.

Метеоролошките служби предупредуваат на опасни, потенцијално животозагрозувачки поројни поплави долж источниот брег на Флорида.

На плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан е поставена 24-метарска новогодишна елка, донесена од Националниот парк Полино во јужна Италија. Елката ќе биде украсена и свечено осветлена на 7 декември, со што официјално ќе започнат божиќните празнувања во Ватикан.

Светилките ќе ги вклучат деца кои се лекуваат на онколошките одделенија во италијанските болници, преку директна видеоврска.