Македонија
28. July 2024 - 16:36

Гир: Потребни се радикални промени во судството, нема расположение во Брисел за нова преговарачка рамка

Брисел повикува на радикална акција во судството во Македонија- клучната алатка е Судскиот совет да остане да постои, а извршната власт да не се меша во судската и обратно. 

Резултатите од истражувањето на јавното мислење покажуваат големо незадоволство во функционирањето на правосудниот систем во Македонија, вели амбасадорот Дејвид Гир за Радио слободна Европа. Испратиле експерти и судии од европските земји да помагаат да се врати интегритетот на Судскиот совет, кој според Гир е клучен да се заштити независното судство, кое е  услов да тргнеме кон Европската Унија. 

- Јас мислам она што е важно е очигледно Судскиот совет. Што има да се прави таму? Неговата цел е да ја заштити независноста, професионалноста и интегритетот на судството, затоа треба да се погрижиме тоа навистина да функционира и да ја работи работата. Но во обидот да го осигураме тоа, обидувајќи се да обезбедиме членството да дејствува и во независно на професионален начин, мораме да внимаваме да не ја пречекоруваме поделбата на овластувањата меѓу различните делови на власта, со други зборови, извршната и судската власт - Дејвид Гир.

За патот кон ЕУ пак, според Гир не може да се постигне подобар договор од Францускиот предлог ниту пак во Брисел се расположени за нова преговарачка рамка. 

- Мислам дека веројатно е склучен најдобриот договор што можеше да се направи во тоа време? Дали оваа влада би можела да постигне подобар договор? Јас лично многу се сомневам во тоа. Се разбира, тоа е прашање меѓу двете влади, но многу се сомневам дека тоа може да се постигне. И не гледам апетит во Брисел за повторно разгледување на преговарачката рамка, која е основа на преговорите. Како што велам, има решение на маса. Би било добро сега да напредуваме кон тоа решение.

Од септември, патот на Скопје кон Брисел ќе го следи новиот евроамбасадор Михалис Рокас, кој ќе го замени Гир по истекот на мандатот.