Македонија
25. јуни 2024 - 16:39

ЕУ очекува уставни измени и почитување на Преспанскиот договор од новата Влада

Уставните измени и почитувањето на Преспаснкиот договор мора да бидат во фокусот и на новата влада. Портпаролката на Европската комисија вели дека ќе соработуваат и со владата на Мицкоски во исполнување на клучните реформи неопходни за придивижување на европскиот пат на Македонија, но со јасна порака што се очекува од земјава. 

- Пораката е многу јасна, Северна Македонија мора да го искористи максимумот од моментумот што постои за проширувањето за да се придвижи напред на нејзиниот пат кон ЕУ. Европскиот совет јасно даде до знаење што очекува од Северна Македонија, ова секако се однесува и на уставните амандмани на кои се обврза Северна Македонија со цел да напредува на патот кон ЕУ. Жалиме за неупотребата на уставното име од страна на некои од лидерите на Северна Македонија, тоа е обврска превземена со Преспанскиот договор. Јасно е дека сите страни мора да ги почитуваат одредбите од договорот и да ги имплементираат со добра волја, вели Ана Писонеро 

Меѓународната заедница, а особено Европската унија јасно да ги кажат последиците од непочитувањето на Преспанскиот договор врз регионот, а особено врз иднината на Македонија бара и екс грчкиот премиер Ципрас кој вчера претседавал со Комитетот за Западен Балкан на Советот на Европа  

- Борбата против национализмот и дестабилизацијата во регионот мора активно да се води, а тоа пред се значи поддршка на Договорот од Преспа и динамична дипломатска улога на ЕУ на Западен Балкан пред целосно да го губи својот кредибилитет. Меѓународната заедница, а особено ЕУ, јасно да ги кажат последиците што непочитувањето на Договорот ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Северна Македонија, порачал Ципрас.

За премиерот Мицкоски пак употребата на придавката Северна е затворено прашање. Останува на ставот дека Преспанскиот договор ќе се почитува само во официјален контекст, став кој беше поздравен и од страна на Стејт департментот. 

Во период на затегнати односи помеѓу двете земји, првата средба помеѓу Мицкоски и Мицотакис се очекува на НАТО самитот во Вашингтон од 9 до 11 јули.