Свет
16. December 2015 - 11:33

ЕУ ќе бара реформи во Уставот на Босна и Херцеговина

Пред пратенициите во Европскиот парламент денеска ќе се најде нацрт-резолуција за Босна и Хервеговина, со која ова законодавно тело на ЕУ ќе ја одбележи 20-годишнинат од потпишувањето на Дејтонскиот договор во Париз. 

Како што јави Фена, иако првобитно во процедура беше пуштена само една нацрт-резолуција, и тоа на известувачот на Европарламентот за БиХ, Кристина Дан Преде, до вчера пристигнале уште четири нацрти од различни парламентарни групи.

Сите пет документи денеска пред почетокот на седницата на Европскиот парламент во Стразбур ќе бидат споени во еден документ. 

Весникот „Дневни аваз“ оценува дека од приложените текстови на парламентарците нема да им биде тешко да пронајдат заеднички јазик, бидејќи сите документи се совпаѓаат по клучните точки. 

Во текстовите се истакнува значењето на Дејтонскиот договор, бидејќи со него е прекинат „најкрвавиот судир во Европа по Втората светска војна“, како и фактот дека тој ја одржува територијалната целовитост и интегритетот на БиХ. 

Во нацртите, исто така, се упатени пофалби за досегашниот напредок на БиХ на европскиот пат, но Сараево се повикува да го продолжи реформскиот курс. Како нужни реформи, освен социоекономските, сите нацрт-резолуции ја истакнуваат и потребата од промена на Уставот на БиХ.

Исто така, во текстовите се повикуваат институциите на ЕУ да пронајдат начин за да се извршат измени на Уставот, со кои на БиХ ќе и се помогна да го забрза својот пат во евроатланските интеграции, пишува „Дневни аваз“.