Балкан
20. February 2018 - 21:02

Двајца поранешни грчки министри поднесоа пријави против сведоци во случајот „Новартис“

 - Двајца поранешни грчки министри поднесоа кривични пријави против сведоците кои тврдат дека тие и други поранешни функционери се вмешани во корупцискиот скандал со фармацевтска компанија „Новартис“.

Евангелос Венизелос, вицепремиер и министер за надворешни работи во периодот 2013-2015 година и Адонис Георгиадис, министер за здравство во периодот 2013-2014 година, поднесоа тужби против заштитените сведоци, според кои, поранешните министри земале поткуп од швајцарскиот фармацевтски гигант „Новартис“ за да ја зголемат продажбата на лекови и да ги зголемат нивните цени во Грција. Тоа, според владини извори, земјата во последните 15 години ја чинело 23 милијарди евра.

Минатата недела такви тужби поднесоа и поранешниот премиер Андонис Самарас и актуелниот еврокомесар за миграцијата Димитрис Аврамопулос, кои исто така се обвинети за вмешаност со скандалот.

Политичарите чии имиња се спомнуваат во врска со скандалот тврдат дека сето тоа се „клевети“ и обид на Владата на премиерот Алексис Ципрас да ја подгрее политичката клима за да го сврти вниманието од тешката финансиска криза во земјата. Тие бараат да бидат објавени имињата на „свиркачите“, кои ја отворија аферата во јануари минатата година, по обидот за самоубиство на еден менаџер во „Новартис“.

Грчката Влада побара од Парламентот да истражи 10 поранешни официјални претставници, вклучувајќи двајца поранешни премиери, за нивната наводна вмешаност во скандалот.

Пратениците се очекува утре вечер да гласаат дали ќе започнат истрага.