Македонија
3. July 2017 - 10:20

Драма за Григор Прличев од авторот Зоран Пејковски

Битолскиот писател Зоран Пејковски ја промовираше драмата „Совршенство или смрт“, која ја објави издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје. Посветена е на македонскиот преродбеник Григор Прличев, а повод за пишување на пиесата се 125-те години од неговата смрт кои ќе бидат одбележани во 2018 година. 

Рецензентот, проф. д-р Димитар Пандев, пишува дека во книгата на Пејковски особено доаѓа до израз спојот меѓу историската тематика која го промовира националниот дух и возвишениот јазичен израз кој, како што посочува, ја одразува највисоката стилска константа на националниот јазик, својствен првенствено за класицистичката, но и за неокласицистичката драма.

- „Совршенство или смрт“ е исказ што во македонскиот духовен простор е творечки лозунг, но и препознатлив код на Григор Прличев, по многу нешта најисклучителната личност во македонскиот 19 век. Во тој возвишен разговор меѓу значајните личности од охридскиот 19 век орбитално поставени околу централната личност на охридската и македонската преродба, Прличев, мозаично се пресемантизираат и се синтагматизираат метафорични јазични искази кои ја одразуваат суштината на македонскиот непокор. Затоа „Совршенство или смрт“ е најметафоричниот драмски текст во македонската литература, истакнува рецензентот Пандев.

Зоран Пејковски е автор на повеќе книжевно-драмски ракописи, а само во текот на оваа година ги објави поемата „Македонски Стар и Нов завет“, драмската пиеса во стих „Реквием за љубовта“, сценско-драмскиот рецитал „За македонската Библија“.