Доделени првите сертификати по руски јазик за курсистите од Рускиот центар при УКИМ
Сертификати за руски јазик денеска беа доделени на курсистите од првиот турнус на бесплатните часови по руски јазик што ги организира Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Олег Николаевич Шчербак, во обраќањето пред присутните го изрази своето задоволство од досегашната работа на Центарот и најави дека Амбасадата ќе продолжи со поддршката на проектот за изучување на рускиот јазик во Рускиот центар.
- Рускиот и македонскиот јазик се како брат и сестра. Многу ми е драго што иницијативата за изучување на рускиот јазик предизвика толкав интерес и се надевам дека неговото изучување ќе продолжи и понатаму, рече амбасадорот Шчербак.
Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски изрази задоволство од големиот интерес за изучување на рускиот јазик и од постигнатиот резултат на курсистите.
- Горди сме што успеавме да ви пренесеме дел од знаењата, кај вас да побудиме интерес за рускиот јазик, но и за руската култура, цивилизација, литература, историја... Процесот низ којшто поминавте сите вие е само основата, минимумот што засега можеме да го понудиме, но задоволството е големо што за кус период сите вие успеавте да го поминете тестирањето и да се здобиете со соодветен сертификат за познавање на јазикот, истакна Јанкуловски.
Во своето обраќање кон присутните директорот на Рускиот центар при УКИМ проф. д-р Велимир Стојковски го потенцираше значењето на рускиот јазик во глобалното општество.
- Со помош на јазикот може да се стане не само поет или писател, филолог или лингвист или исклучително успешен бизнисмен, кој ќе може да спроведува сложени преговори во полза на изградбата на општеството и на сопствениот напредок, истакна Стојковски.
Од Рускиот центар при УКИМ информираат дека курсевите ќе продолжат со уште поголем интензитет, со цел да им се излезе во пресрет на сите пријавени кандидати. Вториот турнус уписи започнува веќе в понеделник.
Ново на Сител
-
Да се формира посебно тело во облик на туристичка или комунална полиција
-
Со 2 милиони евра од унгарскиот кредит, Штип ќе гради обиколница
-
Криумчарењето во благ пораст, илегалните мигранти намалени за 50% во однос на лани
-
Преглед на вестите од светот
-
Од утре автобусите се враќаат на скопските улици – Вонредна седница на Град Скопје
-
Герасимовски: Град Скопје кочи капитални проекти на Општина Центар
-
Тема на денот со Стефан Кирков, ВМРО-ДПМНЕ
-
Вонредна седница на Владата: ЈСП ќе добие нафта од државните резерви