Македонија
9. October 2024 - 13:21

ДКСК: Не утврдивме користење на буџетски средства за приватни цели за патувањето на синот на премиерот во НАТО Самитот во САД

Државната комисија за спречување на корупција на денешната онлајн седница соопшти дека по увидот во  целокупната документација доставена од Владата на Република Северна Македонија во врска со патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски на НАТО Самитот во Вашингтон, САД, утврдиле дека наводите објавени во јавност не се потврдуваат и нема елементи за натамошно постапување по оформениот предмет од причина што ДКСК по извршената проверка не утврдила прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, односно не утврдила користење на буџетски средства за приватни цели.

Членот на ДКСК, Зоран Богоевски образложувајќи го предметот нагласи дека предметот е отворен по сопствена иницијатива, а врз основа на објавени информации во медиумите. Потенцира дека од Владата била побарана целокупната документација за реализираното патување, односно официјални покани, патни налози за членовите на делегацијата, финансиска и останата придружна документација. Исто така, како што рече, било побарано и образложение за тоа дали придружното лице било член на државаната делегација за посетата на САД и во кое својство тоа лице било на ова патување. 

-При увид на документацијата ја утврдивме следната фактичка состојба: на 10.6.2024 година од страна на организацијата на НАТО била доставена покана за учество на државната делегација од Република Северна Македонија на НАТО Самитот одржан во Вашингтон, САД од 9 до 11 јули 2024 година. Државната делегација согласно утврдениот број на учесници во поканата ја сочинувале вкупно 21 лице – претставници од канцеларијата на претседателот на Владата, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон и Постојаната делегација на Република Северна Македонија НАТО. По завршување на НАТО Самитот, дел од делегацијата, односно 10 членови од 11 до 14 јули 2024 година биле на работна посета во Њујорк, додека останатите членови на делегацијата се вратиле во нашата држава.  Видно од документацијата, резервацијата на авио-билетите била извршена со посредство на Службата за општи и заеднички работи на Владата а по барање на канцеларијата на претседателот и министерствата кои имале свои претставници во официјалната делегација. Резервацијата се однесува на лицата наведени во списокот на учесници во официјалната делегација на Република Северна Македонија, вкупно 21 лице. Во овој список на лица не е наведено името на синот на претседателот на Владата, односно за него не се резервирани авио-билети преку Службата за општи и заеднички работи. За наведеното лице доставени се авио-билети за реализирано патување на релација Скопје-Вашингтон и Њујорк-Скопје за чие плаќање приложени се фискални сметки од извршено исплата во готово, рече Богоевски.

Богоевски нагласи дека по доставената документација за хотелското сместување на членовите на државната делегација, ДКСК констатира дека синот на премиерот не престојувал во истите хотели каде престојувале тие, туку во апартманско сместување и истите не се фактурирани на име на делегацијата на Република Северна Македонија.

-Исто така, доставена е и документација која се однесува на хотелското сместување на лица од делегацијата наведени со име и презиме. Документацијата се однесува за хотелско сместување во Вашингтон и во Њујорк. Во однос на сместувањето на синот на премиерот доставени се две фактури кои гласаат на име на физичкото лице за сместување во Вашингтон за период од 6.6 до 11 јули 2024 година и сместување во Њујорк за период од 11 до 13 јули 2024 година. На фактурите стои печат 5 како потврда дека истите се платени. Од приложените фактури се констатира дека ова лице не престојувало во хотелите каде била сместена државната делегација, туку во апартманско сместување и истите не се фактурирани на име на делегацијата на Република Северна Македонија како што е случајот со фактурите за хотелското сместување на државната делегација. Истите фактури гласат на име на физичко лице. Во образложението доставено во прилог на документацијата, наведено е дека лицето не било дел од официјалната државна делегација на НАТО Самитот во Вашингтон и дека истиот не присуствувал на ниту еден официјален состанок или средба која се одржала во рамките на НАТО Самитот, туку единствени присуствувал на предавањето кое го одржал неговиот татко претседателот на Владата на Република Северна Македонија на Универзитетот Џон Хопкинс а по претходно упатена покана од страна на универзитетот, рече Богоевски.