Брзи антигени тестови за учениците - методологијата кој, кога и колку ќе се тестира дополнително ќе се утврди
Наредната недела ќе биде објавена методологијата како ќе се прави скринингот во училиштата. Од Министерствто за здравство за Сител велат дека за тестирање ќе се бара согласност од родителите на учениците. Ќе бидат опфатени основните и средните училишта а скринингот според најавите на министерот ќе почне од октомври.
- Тестирањата на учениците ќе се прават со брзи антигенски тестови. Дополнително ќе бидат презентирани сите детали околу начинот на спроведување на овој скрининг.
Министерот иако тврди дека состојбата во училиштата за сега е стабилна сепак велат ќе преземат мерки на претпазливост бидејќи најголем број од младите го поминуваат вирусот без симптоми и се препознаени како трансмитери.
Експертите велат постојат два пристапи за тестирање, првиот е тестирање на сите ученици но тоа според нив е неизводливо бидејќи би чинело многу пари, а вториот пристап е да се направи тест само кај децата со симптоми. Да има посебна просторија во училиштата или дома. Проф. Д-р Нико Беќаровски се согласува на скрининг но според него подобро би било наместо антигенски да бидат направени серолошки тестирања за проверка на антитела. На тој начин смета дека ќе се добие реалната слика за состојбата во училиштата.
Родители на социјалните мрежи веднаш реагираа против скринингот и собираат потписи да поднесат претставка до институциите. Сметаат дека тоа би значело дополнително траума за децата покрај тоа што носат по неколку часа маски во училница. Дел од нив велат дека ќе забранат да им биде направен тест и се заканија со бојкот на наставата.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар