Македонија
28. September 2016 - 15:17

За инфраструктурни проекти 400 милиони евра во Буџетот за 2017-та

Инвестиции од преку 400 милиони евра во инфраструктурата предвидува буџетот за 2017 година. Како што министерот за финансии Кирил Миноски денеш елаборираше во Собранието на комисиската расправа за буџетот, сумата за капитални инвестиции за следната година е рекордна, а најголем дел од нив ќе одат за патната и енергетската инфраструктура.
 
– За следната година проектиравме високо ниво на капитални инвестиции во износ од 26,954 милијарди денари. Тоа е за 4,62 милијарди денари повеќе од годинава, или 20,7% раст на капиталните инвестиции – истакна Миноски.
 
Во 2017 година е предвидено во патната инфраструктура да се инвестираат вкупно 20,16 милијарди денари или 327 милиони евра. Најголем дел од овие средства, или 16,56 милијарди ќе се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта.
 
Во буџетот на РМ пак, се предвидени 3,6 милијарди денари за довршување на изградбата на модерната автопатска делница на Коридорот X, Демир Капија- Смоквица, која се предвидува да биде готова наредната година. Преку Јавното претпријатие за државни патишта се планира да се реализира Проектот за рехабилитација на патиштата со кој се опфатени патните правци Битола-Ресен-Буково, Ново Село-Маврово-Жировница-Дебар, Тетово – Брвеница -Чегране-Гостивар, Делчево-Голак, Мокрино-Смолари, Мелнички мост-Центар Жупа, Лажани-Ропотово-Црнилиште, Кривогаштани-Обршани-Воѓани, Кочани-Делчево и Нов Дојран-Николиќ.
 
Во 2017 година ќе продолжи и Проектот за надградба и развој на патот Крива Паланка-Ранковце, како и изградбата на автопатите Миладиновци– Штип и Кичево–Охрид.
 
– Во наредниот период ќе се интензивираат и активностите предвидени со Програмата за национални патишта финансирана од ЕБОР со која е предвидена изградба на нови патни делници Штип–Кочани, Охрид–Пештани, Градско–Прилеп и Требениште–Струга, како и Проектот за изградба на нов експресен пат Штип-Радовиш – истакна министерот за финансии. Во Буџетот за 2017 предвидени се и 807 милиони денари или околу 13 милиони евра за капитални расходи за железничката инфраструктура. – Ќе се продолжи со реконструкција на железничката пруга на Коридорот X, при што во рамките на овој проект се врши ремонт на последната делница Ногаевци–Градско–Кукуречани и Криволак–Неготино. Со овие активности ќе се подобри протокот на патници и стоки на оваа делница, ќе се намалат трошоците за одржување на железничката пруга и ќе се обезбеди посигурен и поефикасен сообраќај – вели Миноски.
 
Во текот на 2017 година предвидени се и средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и реконструкција на источниот дел од железничкиот Коридор VIII-делот кон Бугарија. Во рамки на проектот предвидени се активности за подобрување на техничките карактеристики на пругата, изградба и рехабилитација на мостови, железнички станици, стојалишта, подвозници и надвозници.
 
Паралелно со инвестициите во железничката инфраструкура, во 2017 година ќе продолжи и реализацијата на Проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ во износ од 50 милиони евра. За вложување во енергетската и комуналната инфраструктура во Буџетот се проектирани средства во износ од 3,48 милијарди денари или 56,5 милиони евра. Во рамки на овие средства предвидено е интензивирање на активностите за изградба на Националниот гасоводен систем.
 
– Изградбата на делницата од Клечовце до Штип е комплетирана, започната е изградбата на гасоводната мрежа Штип-Неготино која треба да заврши до крајот на следната година, се очекува наскоро да започне изградбата на гасоводните делници Неготино-Прилеп-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар со што ќе се заокружи првата фаза од изградбата на националната гасоводна мрежа- истакна Миноски.
 
Во Буџетот за 2017 година планирани се и 246 милиони денари или 4 милиони евра за уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти.