Бизнис
7. October 2016 - 20:02

Во Штип компаниите бараат 420 работници

Агенцијата за вработување денеска во Штип го промовираше он лајн системот на услуги за невработените лица кои бараат работа. Системот овозможува следење на слободните работни места, односно побарувачката за одредени кадри, а доколку креираат свој сопствен профил овие информации ќе ги добиваат континуирано и ќе знаат каде да ќе можат да аплицираат.

Работните места кои се објавуваат се од продавачи, келнери, шивачи, инжинери, истражувачи, буквално од сето она што во моментот Р. Македонија има потреба, па и самите плати се движат така. Значи се движат од минималната плата па до плата која изнесува и до 170 000 -180 000 денари- изјави Влатко Поповски, директорот на Агенцијата за вработување на Р.Македонија

Штип е втор град по бројот на слободни работни места, а во моментов фирмите имаат потреба од вработување на 420 лица. Ова пред се се должи на новите инвестиции кои ги исцрпија можностите од наоѓање соодветен кадар за стопанството.

- Во иднина ќе гледаме да обезбедиме од соседните општини, пред се од Свети Николе, Радовиш и Пробиштип, а и го правиме тоа веќе подолг временски период, а компаниите организираат сопствен превоз да ги донесат работниците во Штип, изјави Лазе Димчов, раководител на Центарот за вработување-Штип

Во последните 10 години бројката на вработени во Штип е зголемена за 7. 500 нови работни места или за над 30 %.