Балкан
9. April 2016 - 16:44

Во Брчко во Босна уапсен убиецот на српската пејачка Јелена Марјановиќ

   БиХ: Уапсен осомничен за убиството на српската пејачка Јелена Марјановиќ

Припадниците на полицијата во босанскиот град Брчко го уапсиле изутринава српскиот државјанин Небојша Ројко наречен Вихор, кого српската полиција го бара поради сомневање дека во Белград ја убил  пејачката Јелена Марјановиќ.

Ројко е уапсен во населбата Грбавица, а по испитувањето е предаден на Службата за странци  и потоа ќе биде однесен во Имигрантскиот центар на БиХ.

По Ројко српските власти немаат распишано потерница, но тој е уапсен врз основа на написи во медиумите.Тој  побегнал кога полицијата упаднала во неговиот дом, кое се наоѓа во населбата Црвенка крај Белград, само неколку стотина метри од местото каде што е убиена Марјановиќ.

ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА МАКЕДОНЕЦ КОЈ ШИРЕЛ НАЦИСТИЧКА ПРОПАГАНДА

Македонски државјанин е осуден на двегодишна затворска казна од страна на австриски суд поради тоа што на социјалните мрежи го величал Хитлер.

Пораката „Хитлер врати се“ на Фејсбук го испрати 26-годишниот Македонец во затвор бидејќи ширењето нацистичка пропаганда, е строго забрането во повеќе европски земји.

Македонецот, по занимање готвач, пред Судот се правдал дека не знаел оти вршел кривично дело. На своето тело тој имал истетовирано свастика, а за истата објаснувал дека свастиката не е нацистички, туку „македонски симбол“ со долга традиција кој се наоѓал и на археолошко наоѓалиште во Македонија и имал сосема поинакво значење.

НАЈМАЛКУ 23 ЛУЃЕ ЗАГИНАА ВО СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА ВО ПЕРУ 

Најмалку 23 луѓе загинаа, а 32 се повредени кога автобус падна во река во Андите, во југоисточниот дел на Перу. Автобусот речиси целосно потона во реката, што ја отежна работата на спасувачите.Сообраќајната несреќа се случи во регионот Куско, која е позната туристичка дестинација.

БРИСЕЛ ЛУТ НА ЗАГРЕБ ПОРАДИ БЛОКАДАТА НА СРБИЈА

 - Брисел нема да и дозволи на Хрватска да ги блокира европските интеграции на Србија и да продолжи да пролoнгира со отворањето на поглавието 23, објави весникот „Блиц“ повикувајќи се на неименувани извори.

Весникот наведува дека на вчерашниот состанок на Комитетот за проширување на Европската Унија, претставникот на Хрватска, на прашањето што се случува со потврдата на Загреб за Акцискиот план на Србија за поглавието 23 и дали тој е добар, тој одговорил дека „Загреб се уште нема став“ и прашањето вторпат беше симнато од дневен ред.

- Доколку Хрватска до вторник не достави мислење, политичките притисоци ќе се подигнат на повисоко нивo и  можно е  да се вклучи и Советот на министри на ЕУ, изјави неименуваниот извор за „Блиц“. 

Во меѓувреме претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека Загреб не и поставува никакви ултиматуми на Србија, но оти очекува Белград да ги исполни своите обврски за членство во ЕУ.