Македонија
4. August 2017 - 16:27

ВМРО - ДПМНЕ бара од пратениците на СДСМ да не гласаат за договорот со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно оцени дека Владата потпишала штетен договор со Република Бугарија во кој не се дефинирани македонската нација и јазик и ги повика пратениците од СДСМ да не го поддржат.

- Марионетската влада на Социјалдемократскиот сојуз преку својот портпарол господинот Бошњаковски лаже кога вели дека во договорот се дефинирала македонската нација и македонскиот јазик. Или Бошњаковски не го видел договорот, што е скандалозно, а бидејќи сметаме дека го видел, испаѓа уште поголем скандал дека тој грубо ја лаже македонската јавност, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција.

Во договорот, нагласи, никаде не се споменува или дефинира македонска нација како посебна идентитетска целина, ниту, пак, македонски народ како посебна идентитетска целина.

- Во договорот има срамна формулација „македонски јазик согласно Уставот на Република Македонија“. Ваква формулација нема во ниту еден договор кој Република Бугарија го има потпишано со друга земја. Оваа потценувачка формулација се користи единствено за Република Македонија и за македонскиот јазик од што јасно се гледа дека нешто не е како што треба, односно дека не се признава македонскиот јазик како посебна идентитетска целина. Тоа е вистината, тоа е факт, и тоа е една од причините зошто е договорот штетен, а вината за оваа штета ќе ја носи исклучиво господинот Зоран Заев, посочи Мицкоски.

Тој повторно ги повика партениците од СДСМ да не го поддржат договорот.