Македонија
29. April 2017 - 16:27

Торстен Фрај: Излез од кризата се разговори со посредство на независен медијатор

Потребини се разговори со посредство на независен медијатор за надминување на кризата во Македонија, порачува пратеникот на партијата ЦДУ во Бундестагот, Торстен Фрај.

Во интервју за Дојче Веле, Фрај изјави дека насилството е е најлошиот начин да се решава конфликтот и дека опасноста за негово заострување е голема.

“ВМРО-ДПМНЕ нема да ги толерира постапките на другите партии, како вчера при изборот на нов претседател на парламентот, без да преземе ништо. Таа и натаму е во состојба да мобилизира голем дел од населението, конечно таа и освои најголем број гласови на изборите. Решение кое нема да биде поддржано од страна на ВМРО-ДПМНЕ нема да може да донесе трајно смирување на ситуацијата”, рече Фрај. 

Тој додава дека ВМРО во последната недела најавувала подготвеност на компромиси или на голема коалиција. Потегот на СДСМ и неговите партнери за избор на претседател на парламентот заобиколувајќи го протоколот и деловникот на парламентот, за него била изненадување. Тој сега има впечаток дека ова било одамна планирано и за него  е интересно што претставниците на ЕУ и на САД реагирале позитивно многу бргу.

“Според мое мислење, потребни се разговори. Најдобро би било со посредство на независен медијатор, кој би бил прифатен од двете страни. Едноставно да се премине на дневен ред не е адекватно. Она што ни е потребно е одржливо решение”, вели Фрај.

Во однос на можни последици во регионот, тој смета дека конфликтот во моментов е од чисто политичка природа меѓу ВМРО и СДСМ и засега не гледа опасност од негово етнизирање. Но, ако ако се погледне аргументацијата на македонскиот претседател и можното влијание од Тирана, тоа може и да се промени и одрази и на соседните земји, како Албанија или Косово. Сите страни мора да останат помирливи и да разговараат едни со други, заклучува Фрај.