Бизнис
31. July 2017 - 21:08

Странските директни инвестиции до мај намалени за 37 милиони евра споредено со лани

Странските директни инвестиции во првите пет  месеци од годината изнесуваат 160 милиони евра. Ова, според податоците на Народната банка, е за 37 милиони помалку од истиот период лани.

Најдобри месеци биле февруари со 50 и март со 64 милиони евра. Во јануари, пак, повеќе пари се одлеале отколку што се вложиле во државата, односно салдото на директни инвестиции е 9 милиони евра во минус.

Во однос на  земјите од кои доаѓаат инвестициите, НБРМ има податоци за првиот квартал. Во тој период најголем вкупен износ е од Бермудските острови, 13 милиони, од Австрија 10 милиони, од Луксембург 6 милиони евра. Во однос на одливот на средства, предничи Обединетото Кралство, со повлечени 76 милиони евра.

Владата најави нов концепт на субвенции за инвеститорите од септември. Додека постоечките договори ќе се почитуваат, за идните поволностите ќе зависат од  висината на нето платите за работниците и колку инвеститорот ќе го инволвира домашното стопанство во производството.

Меѓу целите на владата е да поттикне инвестиции кои ќе значат вработување на високообразовани кадри, отварање на развојни центри и значително зголемување на соработката со домашните компании.