Македонија
17. March 2017 - 18:32

СДСМ поднесе иницијатива за продолжување на конститутивната седница на Собранието

Во вторник точно на пладне, Вељановски закажа координативна средба со пратеничките групи. На средбата треба да биде утврден предлогот за состав на собраниската комисија за избор и именувања, што е основа за закажување и продолжување на конститутивната седница. Овој чекор следи откако денеска ваква иницијатива до Собранието поднесе Социјал-демократскот сојуз на Македонија со 67 потписи.

- Денеска поднесовме конкретна иницијатива до Собранието на Република Македонија и за повеќе од никого да нема изговори и дилеми околу обезбеденото парламентарно мнозинство доставивме 67 пратенички потписи и покрај тоа што Деловникот тоа не го бара за да продолжи конститутивната седница, изјави Оливер Спасовски, пратеник и генерален секретар на СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, оваа иницијатива на СДСМ е почеток на реализација на тиранската платформа, но не откриваат детали за тоа како партијата ќе постапува во следните денови.

Според лидерот на СДСМ Зоран Заев нормалното функционирање на законодавниот дом е еден од чекорите за што поскоро да го добие мандатот за состав на новата Влада.

Во свои претходни интервјуа Заев јасно го изнесе својот став за тоа каков треба да биде составот на собраниската комисија за избор и именување, повикувајќи се на деловничките принципи.

Постои точка во Дневниот ред на започнатата седница, избор на Комисија за избори и именувања и таа Комисија согласно деловнички принципи, односно правила, тој што има најмногу пратеници има најмногу членови, па вториот, па третиот, па четвртиот и слично. И сега во логичниот редослед, јас знам дека во таа Комисија ВМРО има 6, ние имаме 5, рече Заев.

Конститутивната седница на Собранието беше прекината на 30 декември, бидејќи на истата не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на новиот спикер.