Македонија
9. November 2015 - 16:58

Пукање во лекар на клиника

Револтиран за смртта на мајка му скопјанец пукал во хирургот. Скршените стакла и расфрланите столови сведочат за сериозниот инцидент. Заложничката драма се случила утринава околу 9.30 минути на Клиниката за дигестивна хирургија.

Пациенти и медицински персонал лежеле на земја. Напаѓачот бил со уште две лица. Имале намера да се пресметаат со доктор Љубомир Огненовиќ, која ја оперирал сега починатата пациентка. Со пиштолот во раце скопјанецот го пресретнал хирургот во ходникот на третиот кат на хирургија.

Сведоци за Сител раскажуваат дека одеднаш почнал да вика сите ќе ве убијам и испукал неколку истрели. Три куршуми завршиле во ногата на лекарот, а во меѓувреме другите две лица кршеле на клиниката.  Прво реагирало обезбедувањето на Клинички. Во турканицата повредено е и едно лице од клиничкото обезбедување. Набрзо дошла и полиција која ги привела напаѓачите. Се претпоставува дека двајца од напаѓачите се браќа или блиски роднини бидејќи имаат исто презиме.

Повредениот хирург веднаш бил внесен во операциона сала. Имал три влезни и излезни рани на подколеницата и надколеницата. По опеарцијата е надвор од животна опасност. Од Клиниката за дигестивна хирургија велат дека починатата пациентка  имала неколку сериозни заболувања и починала утринава по операцијата, а семејството било известено за можните компликации.

Пациентите кои за време на оружениот инцидент биле во зградата на хирургија ги слушнале истрелите.

Во Клиничкиот центар имаше зголемено полициско присуство.

Додека траеше увид вратите на хируршките клиники останаа затворени за пациентите. Никого не пуштаа внатре. Неколку часа немаше ниту прегледи ниту контроли на хирургија.

Како превентивна мерка овие денови на клинички ќе има зголемено  обезбедување.  Истрагата треба да утврди кој од тројцата осомничени пукал и кои биле мотивите за инцидентот.