Македонија
4. February 2025 - 16:42

8 години затвор - највисока казна за смртен исход во сообраќајка во последните 6 години

Осум години затвор е највисоката казна за смртини последици при сообраќајна незгода изречена во последниве шест години. Осум години затвор доби Ангелче Николов кој смртно ја прегази 11 годишната Магдалена во 2022 година на пешачки премин во Велес, под дејство на алкохол, со брзина двојно поголема од дозволената, со забрана за возење и избега откако ја прегази и се криеше ден и половина пред да се предаде на полицијата. 

Судот во Велес му пресуди 18 години затвор, скопска Aпелација му ја намали на осум. 

Од две до пет години затвор е просекот изречени казни затвор во последниот извештај на Апелациониот суд за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултирале со смрт во период од 2018та до 2023 година.

И на 20 годишниот Васил кој ја прегази Фросина ќе му се суди според членот 300 член 2 од Кривичниот законик, како и за 11 годишната Магдалена, вели адвокатот Јанаки Митровски кој го застапуваше случајот за смртта на 11 годишното девојче. Смета дека во случајот за Васил ќе се земат предвид и претходните прекршоци и кривични дела, но и поради притисокот на јавноста очекува да добие казна затвор со двоцифрена бројка. 

Најниската казна за смртни последици во тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообаќајот е четири години, а највисоката дваесет. 

Во измените на Кривичниот законик се најавени повисоки казни за ова кривично дело.