Бизнис
31. August 2017 - 18:17

Од утре започнува двосменско работење во државните управи и повеќе институции

УЈП, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, МВР, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана - одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав се институциите, први ќе стартуваат со работа во две смени.

Работното време во овие институции ќе биде од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, а ќе се работи и првата сабота од месецот, но само во една смена од 8:00 до 16:00 часот.

Во однос на флексибилното време, работниот ден ќе трае 8 часа со што почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот.

Од утре втора смена се воведува и во градинките, кои ќе згрижуваат деца до 21 часот и 30 минути. Работна ќе биде и секоја прва сабота од 8 до 16 часот. 

Од општина Карпош велат дека ова е добра идеја која е лошо осмислена, и дека градинките во овие моменти немаат капацитет за работа во две смени.

Со работно време кое ќе трае од 07.30 до 15.30 часот, од понеделник ќе почнат и Јавните обвинителства, откако в.д. јавниот обвинител денес донесе Одлука за утврдување на ново работно време. Оваа одлука ќе се применува во Јавното обвинителство, Вишите јавни обвинителства и Основните јавни обвинителства.

Ново работно време ќе имаат и вработените во судството. Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вчера изјави дека ваквата одлука била поддржана и од вработените во судовите.

Од синдикатот на УПОЗ денеска бараат веднаш да се повлече вчерашната одлука на Судскиуот совет, работното време во судството да биде од 07.30 до 15.30 часот. Тие сметаат дека мора во целост да биде испочитувана Одлуката на Владата објавена во Службен весник, на 11-ти минатиот месец, во која стои дека вработените во сите судови ќе работат по флексибилно работно време. 

Граѓаните со поделени ставови во однос на одлуката на Владата која стапува на сила од утре. Дел од нив ја поддржуваат, дел сметаат дека ова е избрзано решение.

Одлуката за флексибилно работно време и работење во две смени беше донесена на владина седница на почетокот од месец јули, како одговор на барањата на граѓаните.