Македонија
30. July 2015 - 16:53

Невестите од Албанија ги усреќија и струмичани

Додека некои бараат живот во големите градови далеку од селото и работата на поле за други најважна е семејната среќа и  дом исполнет со хармонија и радост без разлика на местото каде тој ќе биде заснован. Таков е примерот со триесетгодишната Раимонда од албанскиот град Фуш Крује која веќе пет години живее во селото Самоилово во општина Ново Село. Таа од секогаш имала желба да живее во друга држава, но никогаш не помислила дека животниот пат ќе ја донесе во Македонија и тоа во мало село во кое основната дејност на месното население е земјоделието. Средбата со нејзиниот сопруг Живко се случила пред пет годни  преку нивни блиски луѓе. После еден месец Раимонда одлучила да дојде во Самоилово и вели дека воопшто не зажалила. Единствен проблем бил јазикот, па додека да го научи македонскиот со сопругот комуницирале на италијански јазик кој и двајцата солидно го владеат.

,, Најпрво комунициравме на италијански а потоа полека полека почнав да учам и по книги и од речник, почнав да читам на македонски и веќе знам и да читам и да пишувам.,, вели Раимонда Стојковска

,, На први мај се запознавме, а на 29 таа дојде тука. Значи после три недели жената ја донесов дома. Така се случи таа наша врска, значи едно видување и брак и добро е сега, таа си ги прифати сите наши традиции.,, вели Живко Стојковски – сопруг на Раимонда

Бидејќи доаѓа од град животот на село и обврските тука и биле сосема непознати, но Раимонда вели кога се сака се е можно, па така и таа со силна желба за кратко време успеала да научи се.

,, Различно беше тоа што јас таму си живеам во град, а тука е во село, таа си беше разликата најголема,  ама се навикнав веќе. Не бев научена ниту на ниви да одам, ама се се учи со време. После година и половина ни се роди синот Панче. Сега е многу убаво со дете, поинаку е, семејството повеќе се зближува, повеќе се сакаш.,, вели Раимонда

Само пфални зборови за снаата има и свекрвата Зорка.

,, Домакинка петка. Се научи, ќе праша тоа како треба, друго што треба, на црква ќе отидеме таа веднаш ме прашува што треба и како да се прави и многу брзо сфаќа. И цркви почитува, јатрви, золви што имам, комшии , со сите се сдружи.,, вели Зорка Стојковска – свекрва на Раимонда

Семејството Стојковски најголемата заедничка среќа ја доживеало пред три години кога им се родил синот Панче. Велат  од тогаш тој е главен во семејството и причина за секојдневна радост. Дел од таа радост почувствувавме и ние бидејќи токму на денот на нашата посета семејството Стојковски  имаше  полна куќа со гости, а главен домакин беше малиот Панче кој токму тој ден го прослави неговиот трети  роденден. Која беше неговата роденденска желба не успеавме да дознаеме, но дознавме што посакаа неговите родители, а тоа е  проширување на семејството, желба за која се надеваат дека ќе им се исполни многу брзо.

 Приказната на Раимонда е само една од многуте за невести од Албанија кои во последните неколку години животниот сопатник го најдоа токму во струмичкиот регион. Минатата година во општините Ново Село, Босилово Василево и Струмица од Алабија се дојдени околу 20 невести. Само лани во семејствата со албански невести во струмичко се родиле 26 деца. На ниво на цела држава последните 14 години има склучено над 1500 такви бракови од кои се родени повеќе од 3500 деца.