Шанса за нов живот за прилепскиот уметник Златко Крстески по објавената социјална сторија на Сител
Шанса за нов живот и нов почеток. Вака може да се опише случајот со уметникот Златко Крстески од Прилеп за кого во јануари годинава правевме сторија за тешките услови во кои што живееше без струја, бидејќи немаше пари да ги плати сметките, на минусни температури дома седеше облечен со капи и јакни, покриен со кебиња, со искршени прозорци и без храна.
По сторијата за овој период огромен број на граѓани, компании, јавни претпријајија, општини, МПЦ, Синдикатот за култура, донираа храна и пари, а општествено одговорни компании му наместија во целиот стан нови ПВЦ прозорци. Сметката за струја му ја платија хумани граѓани, а со дел од парите си купи и клима уред и нови платна. Дел од делата му беа откупени, а има и доста порачки за во иднина.
„По снимениот прилог се смени мислењето во јавноста дека има луѓе кои исклучиво живеат од уметност и за уметност и некои луѓе се заинтересираа да откупат некои дела, да станат сопственици на оваа уметност што ја работам јас, конкретно слики масло на платно. Сега ја имам таа можност да се вратам на уметноста, бидејќи јас работам некомерцијална уметност и претежно ги праќав на меѓународни изложби, фестивали, симпозиуми“, изјави Златко Крстески, уметник.
Најголемата промена по објавата на прилогот е тоа што Министерството за култура со Договор на дело го ангажира Крстески во Ликовната галерија во Центрарот за култура „Марко Цепенков“.
„Најголема придобивка се покажа вработување во јавна културна институција, во Центарот за култура и посебна благодароност до Министерството за култура на Република Македонија“, додаде Крстески.
Крстески искажува огромна благодарност за сите кои му помогнаа да го промени животот и упати порака таа поддршка да продолжи за сите уметници.
„Мојот случај кој беше снимен во медиумите поттикна многу прашања за уметниците кои се најдуваат на дното и кои живеат и егзистираат исклучиво од уметноста, во овој случај од ликовната уметност. Значи да се помогни уметноста, да им се помогне, да се откупуваат нивни дела или да бидат ангажирани во некои јавни или општествено одговорни компании“, потенцираше уметникот Крстески.
Првиот прилог беше направен за денот кога е Роденденот на уметноста, а денес околу 4 месеци подоцна за Денот на уметноста. Нека овој случај биде пример како да се поддржуваат уметниците кај нас, кои се наши големи амбасадори во светот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар