Бизнис
29. September 2016 - 19:43

Македонија меѓу земјите во кои најмногу се фрла храна

Македонија е една од земјите каде што најмногу се фрла храна. Речиси една четвртина од вкупната количина со која располагаат маркетите рестораните и другите учесници во овој ланец меѓу кои и домаќинствата завршува на депонија, иако тие продукти се добри за конзумирање. Резултатите од истражувањето кое го спроведе единствената “банка за храна во земјава” покажуваат дека само во Скопје и Тетово од анкетираните 170 субјекти кои произведуваат околу 384 тони храна неделно, регистрирани се  66 отсто вишоци кои завршуваат во контејнерите.

Додека кај нас сеуште нема Закон за нефрлање на храна, во Франција веќе се спроведува. Граѓанските здруженија можат да побараат од супермаркетите да не ја фрлаат храната и да ја поделат со граѓаните кои имаат недостиг. Оние супермаркети кои ќе одбијат ќе платат казна од 3750 евра.

Законот е во процедура на усвојување и во Финска, Чиле Италија и Конго а Србија е прва земја на Балканот која подготвува вакво законско решение. Се очекува да стапи на сила од 2018та. Во таканаречени “банки за храна” ќе се собираат сите вишоци од рестораните, сендвичарите, но и од маркетите кои сеуште можат да се јадат, а потоа истите да им се дадат на социјално загрозените семејства и бездомниците.

Се проценува дека кај нас околу 26.000 тони храна годишно завршуваат на депонијата Дрисла.