Бизнис
6. January 2025 - 16:37

Колку чини Бадниковата трпеза?

Посна трпеза, мрсни цени. Граѓаните ги прават последните подготовки за Бадниковата вечер. На неа, традиционално, пита или лебче со паричка, риба, гравче, посни сарми, ореви, костени, урми, овошје. Богатата трпеза, според обичаите, значи богата година. Од се по малку мора да има, иако цените годинава се превисоки, се жалат граѓаните. 

- Ќе биде поскромно, секако. Скапо е, цените цело време одат нагоре. Ова е шокантно, вели граѓанин.

- Мора да има посно, ореви, тиква, лешници. Скапо е, затоа трпезата ќе биде поскромна од лани, вели друг

- Испазарив се, цените се високи, оваа година малку поскромно.

За скромна трпеза едвај ќе стигнат 2,000 денари. Килограм тавче гравче чини 250 денари, оревите 600-700, килограм ослич 200 денари, посни сарми околу 300, мандарини 140, скромно црвено вино 250. Ни новогодишната кошница, која трае до 15-ти овој месец, не помогна да се помине поевтино.

Утре е Божиќ. Трпезата треба да биде мрсна. Се пече месо, се прават салати, кифли и нешто благо. Колку ќе потрши просечниот македонец за христијанските празници, зависи од длабочината на џебот.