Свет
29. January 2016 - 11:20

ИД создала корпус за големи убиствени напади низ Европа

29 јануари 2016

Катимерини - Атина

Организацијата Исламска држава во рамки на нова стратегија за интернационализирање на стравот, создала специјален корпус од борци за големи убиствени напади во Европа. Обуката на новите борци е идентична на онаа на европските командоси и вклучува дозвола за користење на оружја и експлозиви, како и техники за егзекуции, како што се обезглавувања.

Ова за „Катимерини“ го открива заменик директорот на Европол, Вил ван Гимерт, по повод отворањето на новиот антитерористики центар во канцелариите на полициската организација во Хаг.

- Дваесет до 30 отсто од околу пет илјади европски граѓани кои се приклучиле на редовите на терористичката организација Исламска држава се вратиле во своите земји во Европската унија, вели Вил ван Гимерт и дополни дека „постои опасност да бидат изведени напади во рамките на границите на ЕУ, а ќе се искористат методи карактеристични за тактиките на специјалните единици“.

За новиот антитерористички центар тој појаснува дека целта е подобрување на соработката меѓу службите за борба со тероризмот во Европската унија. - Наша цел е да ги поддржиме државите-членки во нивните разузнавања и да има подобра информациска координација, потенцираше тој.

Според него, функционирањето на тој Европски антитерористички центар во глема мера зависи од желбата на секоја полиција да ги размени своите информации од изворите со Европол.

- Во центарот ќе има „јадро“ од антитерористи од сите земји членки. Потребна ни е политичка поткрепа и всушност ова прашање се разгледува на ниво на министри на внатрешни работи во ЕУ, потенцира заменик-шефот на Европол.

Посебно за Грција, Вил ван Гимерт нагласува дека во соработка со Центарот, грчките власти ќе можат поефикасно да откриваат терористи, кои се обидуваат да влезат во ЕУ покрај економските мигранти и бегалците.

- Имајќи пристап до информации, на пример, до маршрутите на терористите и карактеристиките на лажните документи кои тие ги користат, Грците ќе можат поефикасно да го спречат навлегувањето на џихадисти во ЕУ, рече тој.

Но, во документ објавен од Европол, насловен „Промени во методологијата на напади на Исламска држава“, стои дека нема конкретни докази дека џихадисти од оваа организација ги користат маршрутите на бегалците за да влезат во ЕУ. Во општите заклучоци на документот стои дека „нападите во Париз покажале промена во стратегијата на Исламска држава во насока на глобализавија на нивната активност“.

Истиот документ се повикува на информации според кои „Исламска држава создала специјален корпус од борци кој ќе ја преземе задачата да изведе големи напади како оние од 13 ноември во францускиот главен град“.

- Новите борци наемници се обучуваат да користат оружја и експлозиви при извршување на егзекуции, како и методи за следење, стои во документот. Во него уште стои дека надвор од Сирија помали центри за обуки има во ЕУ и во некои балкански држави.

Кај 20 отсто од странските борци се дијагностицирани психички проблеми уште пред да бидат вклучени во редовите на Исламска држава, а 80 отсто имаат „досиеја“ во полициите за мали и посериозни кривични дела.

На крај, посебно значајна е оценката на Европол дека борци или симпатизери на Исламската држава врбуваат џихадисти во имигрантските центри во ЕУ каде наоѓаат поддршка кај сириските сунити.

Еврокомесарот Димитрис Аврамопулос го опиша Европски антитерористики центар како „голема стратешка шанса за Европа во насока за поефикасна борба со тероризмот“, а шефот на Европол Роб Вејнрајт истакна дека „амбицијата на полициската структура е да се претвори во поврзано информациско јадро во борбата против тероризмот во ЕУ“.