Македонија
30. October 2015 - 16:54

Грците вознемирени од американската акција за решавање на спорот со името

Грчките опозициски партии не му веруваат на Премиерот Ципрас и шефот на дипломатијата Коѕијас кога се работи за прашања од национален интерес како што е спорот за името на Македонија. Владините ставови по однос на спорот со Македонија и мигрантската криза се оценуваат како нејасни и дефокусирани.

Во писмото испратено до Претседавачот со Постојаниот комитет за одбрана и надворешни работи партиите бараат итна седница на која ќе присуствува Коѕијас .

,,Бараме Министерот за надворешни работи да го информира комитетот за главните прашања од нашата надворешна политика и да дискутира за нив со пратениците. Точно е дека за многу од тие прашања се дискутираше на Националниот совет за надворешна политика, но прво природата на тоа тело е поразлична и второ министерот испрати неприфатливо писмо до политичките партии во кое бара предлози за името на Македонија, со што ја торпедираше нашата доверба во него‘‘, стои меѓудругото во писмото.

Барањето за расправа за грчката надворешна политика доаѓа во пресрет на посетата на државниот секретар на САД, Џон Кери и шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмајер на Атина. На средбите, како што е најавено, една од точките ќе биде и спорот за името.

Берлин и Вашингтон подолго време се посочуваат како главни креатири на притисокот врз Атина за итно решавање на спорот и прием на Македонија во НАТО на самитот на Алијансата во Варшава.

Како второ барање за средба на комитетот се посочени нејасните и контродикторни информации од Премиерот Ципрас по проширениот Самит во Брисел за бегалската криза, односно опасноста по земјата доколку Македонија и другите соседи одбијат да примаат бегалци, со што тие би останале заробени во Грција.