Бизнис
25. January 2016 - 19:12

Германски Кеслер отвора фабрика во Македонија од областа на електромашинската индустрија

Германската компанија Кеслер ќе отвори центар за истражување и развој во Македонија и фабрика во втората фаза од инвестицијата.

Ова е инвестицијата која Груевски вчера ја најави, а чие име и планови денес ги објави на социјалните мрежи.

Се работи за компанија која се занимава со висока технологија во електромашинската индустрија и која за првпат инвестира надвор од  својата земја.

Во првата фаза Кеслер ќе вработи десетина машински и електро инженери за што огласот ќе биде распишан следниве денови. На почетокот ќе се лоцира во постоечки објект во Скопје. Во втората фаза, треба да отвори фабрика во која ќе се вработат 50 висококвалификувани лица.

Кеслер е меѓу првите странски инвеститори од електромашинската индустрија во Македонија. Има 90 годишна традиција во производство на опрема и алати за машинско моделирање, брусење, електромотори, ЦНЦ машини, сензори и слично.

За владата е од особено значење што со неа ќе воведе разноликост во странските инвестиции, односно во типот на знаења и вештини кои се воведуваат во економијата.

Компанијата веќе стапила во контакт со високо образовните институции и планира соработка со техничките средни школи.