Македонија
12. October 2015 - 17:23

Државата ќе гради нов студенстки дом со капацитет до 1000 студенти

За десетина дена ќе се знае локацијата  каде ќе се гради новиот студентски дом во Скопје. Премиерот Никола Груевски во вчерашното гостување во дневникот на Сител најави дека Владата донела интерна одлука да биде изграден нов дом за студенти. Со ова ќе им се излезе во пресрет на многу млади кои студираат во главниот град.

- Она што е клучно е дека планираме да почнеме подготовки за градба на нов студенстки дом во кој би се сместиле меѓу 500 и 1.000 лица, зависно од потребите. Размислуваме за локацијата каде ќе биде. Разгледуваме варијанти во Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, можеби и некоја четврта локација, изјави премиерот Никола Груевски.

Премиерот посочи дека последните години постојано се работи на подобрување на условите во постоечките студентки домови.

- Изградени се и нови, нов комплекс во Гази Баба, а останатаите се реновираа темелно. Имавме одредени реновирања во „Кузман“, по нешто и во „Гоце Делчев“. Знам само дека за време на СДСМ камен на камен не се стави. Се што е реновирање или градба на нови домови е во овој период од кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт, додаде Груевски.

Груевски истакна дека во моментов се размислува на кој начин да се забрза реновирањето на студенсткиот дом „Гоце Делчев“ што е согласно даденото ветување. За еден месец студентите ќе се вселат во блокот Б и ќе почне да се реновира блокот А, а потоа ќе се изведуваат градежни работи и во останатите два блока.