Ако поскапат основните производи по само еден час ќе ги замрзнеме цените, рече Дурмиши
Одлуката за замрзнати цени е подготвена и оставена во фиоката на министерот за економија. Дали ќе биде извадена оттаму зависи од етикетите на рафтовите. Дурмиши на новогодишниот брифинг со новинарите рече дека цените внимателно се следат секој ден. За наглото поскапување на производите кои не се дел од новогодишната кошница, подеднакво ги обвини производителите, дистрибутерите и трговците.
„На моето биро има готова изготвена одлука за замрзнување на цените и доколку Државниот пазарен инспекторат при контролите укаже на злоупотреба на цените на основните производи, веднаш по еден час ќе биде донесена одлука на Влада за воведување на таква мерка“ - изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Кон средината на следниот месец ќе се знае дали новогодишната кошница ги дала посакуваните резултатите. Ако се покаже дека нема ефект, велигденската и рамазанската ќе се носат со владина одлука за замрзнување на цените.
Во меѓувреме, од 1 јануари ќе може да се пишуваат казни доколку не се почитува законот за нефер трговски практики. Комисијата за заштита на конкуренцијата е екипирана и ќе може да контролира.
„Со Законот ќе има регулирање на деловните односи меѓу производителите, добавувачите и трговците што на подолг рок ќе доведе до стабилизирање на цените во малопродажбата“ - изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
Покрај ограничениот рабат, забрането е наплаќањето за маркетинг и истакнување производи на полица. Казните за непочитување се до 20 илјади евра.
Минималната плата во март следната година ќе изнесува 24.400 денари, барем така покажуваат сегашните пресметки. Доколку се исполни барањето на синдикатите за минималец од 450 евра, или околу 28 илјади денари, тогаш ќе треба да се смени законот за минимална плата.
Според податоците, просечната плата за една година е зголемена за 2.300 денари, а трошоците за живот за 15.000 денари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар