Македонија
30. December 2024 - 16:41

Работничка добила отказ бидејќи планирала да забремени со Ин витро – КСЗД утврди дискриминација

Газда на приватна фирма која се занимавала со продажба на мебел и дал отказ на работничка бидејќи планирала да забремени со Ин витро. Откако го информирала работодавачот за плановите за мајчинство, додека била на одмор тој незаконски ја отпуштил од работа. Како причина за отказот го навел недоаѓањето на работното место три последователни денови.

Газдата не ја испочитувал ниту постапката за утврдување одговорност на работничката и веднаш ја одјавил од социјалното, со што останала и без здравствено осигурување. Поради ова жената не можела да ја заврши почнатата процедура на товар на Фондот туку морала трошоците за методата со која сакала да добие бебе приватно да си ги плати. Ова е прв случај на утврдена родово заснована дискриминација поради Ин витро од страна на комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

-Комисијата заклучи дека отказот е директно поврзан со планираната бременост на работничката и препорача, работодавачот да ѝ го надомести износот за ин витро процедурата, која таа била приморана да ја покрие од приватни средства. изјави Игор Јадровски, член на КСЗД.

Инаку работничката за која Комисијата констатираше дека е дискриминирана од страна на работодавачот бидејќи сакала да добие дете со помош на Ин витро метода, претходно две години работела во истата фирма.