Бизнис
19. јуни 2017 - 20:49

Државата ќе гради ладилници за земјоделски производи за да го реши проблемот со пазарниот вишок

Државата ќе гради ладилници, складишни и откупно дистрибутивни центри во кои ќе се чуваат земјоделските производи додека не ги откупат трговците. Фрлањето на вишоците на градинарски производи во струмичко како и праските во Росоман  ги натераа надлежните да бараат  решение за проблемот. Од ресорното министерство велат дека странските откупувачи имале забелешки што во една гајба се пакуваат по три вида на сорти, а производите во отсуство на ладилници се чуваат во несоодветни услови.

- Новата Влада ќе поттикне формирање на складишни капацитети и откупно дистрибутивни центри со капацитет од повеќе од 5.000 тони и ќе поддржи иницијативи од индивидуални земјоделски стопанства, задруги и здруженија за изградба на мали ладилници за чување земјоделски производи со капацитет од 500 тони.

На  овој начин сметаат во Министерството, земјоделците ќе ги одржат производите поквалитетни и ќе можат да постигнат повисока откупна цена.

Во меѓувреме сликата на терен хаотична. На интернет се појавија видеа на кои се гледа како праските завршуваат на буниште. Земјоделците од струмичко пак велат дека цената на доматите, пиперките и компирите е поразително ниска. Краставиците пак воопшто не се откупуваат. Најголем проблем прави евтиниот албански зеленчук којшто станува се поконкурентен.

Памуков потенцираше дека надлежните треба да размислуваат во насока на воведување на планско производство како би се спречиле проблемите со откупот и ниските цени кои се јавуваат секоја година.

Производителите велат дека изградбата на ладилници и откупно дистрибутивно центри може да помогне за делумно рашавање на проблемот. Но она што е потребно е добар маркетинг и сигурни пазари каде што ќе се продаваат земјоделските производи.