Македонија
14. April 2016 - 16:24

Дали воени авиони на Грција го нарушија воздушниот простор на Македонија?

Воена вежба кај Идомени  во која учествувале грчки  хеликоптери и воени авиони утрово ги вознемири гевгеличани.  Дел од нив тврдат дека некои од леталата го нарушиле македонскиот воздушен простор,  но засега нема потврда за таквите информации. 

Од АРМ информираа  дека припадниците на македонските безбедносни сили кои ја обезбедуваат јужната граница утрово врз основа на визулено набљудување ги констатирале авионите кои летале долж границата,  но и покрај тоа што постои сомнеж дека еден или два од нив  навлегле на македонска територија засега со сигурност неможе да се каже ништо. Сето тоа ќе биде познато откако ќе се утврдат конкретните факти и прецизни мерења од страна на надлежните институции.

Од М- НАВ македонска навигација за Миа информирале дека досега кај нив немало регистрирано нарушување на македонскиот воздушен простор.

Инаку воените летала кои биле констатирани утринава биле дел од воената вежба во Идомени и на островот Оинусес во близина на островот Хиос до границата со Турција. Според изјавата на началникот на генералштабот на грчката армија Евангелос Апостолакис воената вежба била одговор на зачестените провокации од страна на турската војска и дел од регуларните активности.

Воената вежба е именувана како Бура и во неа биле вклучени единиците на авијацијата, пешадијата и морнарицата. Истата била набљудивана  и од страна на министерот за одбрана на Грција за кој беше најавено дека денеска ќе пристигне во Идомени.