Македонија
11. August 2016 - 8:26

Чешиново-Облешево помага на поплавените граѓани

Екипи од општина Чешиново-Облешево заедно со градоначалникот Костадин Личков и денеска работат на санирање на штетите од поплавите во Скопје. Тие го расчистуваат теренот, помагаат во испумпување на водата и калта од домовите на настраданите.

- Ние како општина добро знаеме што значи да се биде зафатен од поплави, бидејќи неколкупати го почувствувавме тоа и затоа упатуваме апел до сите хумани луѓе кои доброволно сакаат да помогнат во расчистување на штетите во поплавените подрачја како и вчера и денеска да ни се придружат во акцијата. Од  пред општинската зграда во Облешево организирано во текот на денот се заминува за Скопје, истакнува градоначалникот Костадин Личков.

Во општина Чешиново-Облешево веќе четврти ден е отворен пункт каде граѓаните можат да донираат вода, средства за хигиена, конзервирана храна и други работи за настраданото население. Собраната донација во изминатите три дена е доставена до пунктот на Црвен крст на Македонија.