Фудбал
8. October 2016 - 19:12

Ангеловски не ја менува формацијата за дуелот со Италија

Селекторот Ангеловски пред новинарите  најави  дека нема многу да менува во составот и формацијата 3-5-2  од средбата со Израел .   Италија е селекција која 10 години нема загубено квалификациски меч  и е дури на 51 натпревар непоразена и тоа е противник за надигрување и потврда на добрата форма на репрезентативците. 

„Италија е фаворит, а ние доколку одиграме како против Израел, ќе можеме да се надигруваме со нив“, заеднички констатираа селекторот на Македонија Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев, во пресрет на квалификацискиот дуел кој двете селекции ќе го одиграат в недела во Скопје.
 
„Чест ни е што една ваква репрезентација ни гостува во Скопје. Во мечот ќе влеземе со свои сметки. Италија е голем фаворит, а ние ќе се обидеме да одиграме добро, не сакам да бидеме статисти“, рече селекторот Ангеловски дополнувајќи дека нема да ја менува почетната 3-5-2 формација. 
 
„Формацијата нема да ја менувам иако против Израел делувавме добро и со 4-4-2, можно е да има некое освежување во средниот ред“. 
 
Според селекторот играта на Италија е добро простудурана иако по ЕУРО 2016 Конте замина од селектороската функција, а го наследи Вентура. 
 
„Не е сменет начинот на игра се работи за финеси, играчите кои играа кај Конте сега се тука и кај Вентура, не верувам дека ќе има некои посериозни промени во нивната игра“. 
 
Италија и Македонија на фудбалски план ги поврзува Горан Пандев кој фудбалското име го изгради на Апенините. Инаку македонскиот капитен цели осум години нема постигнато гол во националниот тим на квалификациски натпревари. 
 
„Благодарност за амбиентот против Израел. Одигравме одличен меч и жалам што не победивме. Штета што не освоивме досега ниту еден бод. Сега ни доаѓа една светска велесила, очекувам добар натпревар. Не ми е приоритет да постигнам гол. Ние да победуваме, па макар јас и 20 години не постигнал. Второто полувреме против Албанија и мечот со Израел е показател како треба да играме. Немавме ниту среќа, а сега знаеме дека Италија е фаворит, но мислам дека ќе можеме да се надигруваме“, рече на прес конференцијата пред мечот Пандев.
 
Дуелот, кој се игра во рамките на третото коло во Г групата, в недела ќе започне во 20:45 часот.