Македонија
23. February 2018 - 16:18

11 кривични пријави од МТСП за вработените во Центарот за социјални работи

Единаесет лица од скопскиот Центар за социјална работа кривично ќе одговараат за случајот со 13 годишното девојче од домот 25 Мај кое со месеци било сексуално злоставувано. Во пријавата од Министерството за труд и социјала се товарат за несовесно работење во служба и за запуштање на малолетно лице и тоа почнувајќи од 2012 година, кога девојчето станало штитеник на државата. Засега нема информација од надлежните дали ќе има кривична пријава и за вработени во Домот. Од Меѓаши бараат одговорност од сите инволвирани кои знаеле за судбината на малолетничката, но не направиле ништо.

- Мора да има одговорност и од Домот, таму има директор кој бил со години, правник, наставници кои знаеле што се случува и затоа мора сите да одговараат, и добро е што има пријави за вакво нешто повеќе да не се повтори, вели Татјана Гогоска портпарол на Меѓаши.  

Труд и социјала пријавите ги доставиле до ОЈО, кое, пак, иако со месеци знаеле за случајот досега не отвориле истрага бидејќи немале конкретен сторител на кривично дело. Невладините бараат надлежните многу посериозно да гледаат на овие случаи и пријави, имајќи во предвид дека станува збор за ранлива категорија.

- Тие се штитеници и одат во дом каде треба да им биде подобро и да добијат услови за добар живот, а се случува како да се во куќа на стравот, вели Гогоска

Освен кривичната одговорност, надлежните ќе бараат и дисциплинска постапка за вработени.

Од страна на инспекторите се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со Законот за работни односи. Поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита, стои во соопштението на труд и социјала.

Случајот со девојчето го обелодени Европскиот центар за права на Ромите, кои исто така поднеле пријава до обвинителството против сите инволвирани. По сексуалната злоупотреба, малолетничката пред една недела била принудена да абортира.