Македонија
24. October 2024 - 20:11

Запален автомобилот на новинарот Серсемов

Вандалски чин во Штип за да се замолчи објективното и независно известување. Час и половина после полноќ запалено е возилото на сопственикот и уредник на регионалната телевизија МНЕТ, Благој Серсемов. Само брзата интервенција на пожарникарите спречи огнот да го зафати и домот и околните куќи. 

- Ова дефинитивно не е само удар кон мојот личен имот, туку ова е удар кон сите медиуми. Според мене, мојата безбедност и на моето семејство е загрозена со овој вандалски чин, изјави Благој Серсемов, сопствени и уредник на МНЕТ ТВ

Зад Серсемов и регионалната ТВ куќа застана Здружението на новинари на Македонија, со осуда на овој кукавички чин, кој претставува директен напад врз слободата на говорот и правото на јавноста да биде информирана.

- Ваков тип на напади против новинари се гонат по службена должност, согласно законите кои беа усвоени лани и поради тоа очекуваме најостри казни против сторителите, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ

Од ЗНМ најавија дека за случајот со опожареното возило ќе бидат известени сите меѓународни организации.