Македонија
22. July 2019 - 13:43

Водата во Охридското Езеро исправна за капење и рекреација

Последните анализи спроведени од Центарот за јавно здравје во Охрид покажуваат дека водата во Охридското Езеро е безбедна за капење, спорт и рекреација.

Директорот на Центарот Сашо Точков појасни дека ситуацијата со микробиолошкото загадување на водата во делот на крајбрежјето на плажата кај вливот на реката Грашница е надмината, а анализите спроведени на 15 односно 17 јули покажуваат дека водата на тој дел од крајбрежјето е од втора категорија односно безбедна за капење.

– На местата каде претходно беше регистрирана трета класа сега водата е почиста односно од втора класа и може да се користи. За ова се известени инспекциските служби за да постапат по однос на воведената забрана, се надевам тоа да се реши деновиве. Делот кај река Грашница е повторно загаден, таму водата е од трета класа, но тој потег не се користи за капење. Во останатиот крајбрежен дел водата е од прва и втора класа, истакна Точков.

Според информациите од Центарот, нивни екипи вршат редовни контроли и на квалитетот на водата од јавните чешми, при што наодите покажуваат дека истата е исправна за пиење. Кај водата од „Билјанини извори“ забележлив е променлив карактер во квалитетот, но последните анализи покажуваат дека таа е безбедна за пиење.