Преглед на вестите од светот
Русија го изврши својот втор голем напад врз енергетската инфраструктура на Украина овој месец при што националните и локалните официјални лица известија за експлозии и итни прекини на струја низ целата земја кои погодија стотици илјади луѓе.
„Енергетската инфраструктура повторно е цел на масовниот удар на непријателот“, напиша на Фејсбук украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко. Дел од граѓаните на Киев за време кога се слушаа сирените засолниште побараа во метрото.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили зазеле населба во регионот на Доњецк. Министерството тврди дека украинските сили ја нападнале нуклеарната централа Запорожје и околната област Енергодар со шест напади со беспилотни летала и два артилериски напади. Централата сè уште работи нормално, без жртви или штети.
Генералштабот на украинските сили соопшти дека продолжиле да ги држат своите позиции и одбиле повеќе руски напади во областите како Покровск, Курахове и Купијанск. Воени возила патролираат на првиот ден од прекинот на огнот меѓу Израел и либанската вооружена група Хезболах во близина на границата меѓу Израел и Либан. Некои од жителите кои ги имаа напуштено своите домови се вратија да ја видат состојбата.
Една жена која се вратила по 14 месеци за да го посети својот дим во израелскиот пограничен град Метула ја опиша ситуацијата како „многу многу тажна“.
Израел соопшти дека неговата воена цел во Либан била да обезбеди безбедно враќање на околу 60.000 Израелци кои побегнале кога Хезболах почнал да истрелува ракети врз нив за поддршка на Хамас во Газа.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави дека прекинот на огнот меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах претставува, како што наведе, „првата трошка надеж“ во регионалниот конфликт по неколкумесечна ескалација.
Гутереш имаше прес-конференција и повика и на итен прекин на огнот во Појасот Газа.
Примирјето меѓу Израел и Хезболах стапи во сила во средата во утринските часови со што завршија речиси 14-месечните борби кои започнаа откако палестинската милитантна група Хамас изврши терористички напад во јужниот дел на Израел во октомври минатата година.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар