Македонија
15. September 2015 - 17:29

Во Штип овој викендов „Пастрмалијада“

Во Штип овој викенд ќе се одржи традиционалната манифестација „Штипска Пастрмалијада“, информираа денеска на прес-конференција претставници од Општина Штип и угостителите, кои ја презентираа програмата, која и официјално почнува од петок.

Портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов информира дека в петок манифестацијата почнува со промоција на маскотата на „Пастрмалијадата“, по што ќе следи и претставување на џиновската пастрма.

Познатиот штипски специјалитет ќе се нуди на 23 штандови, а ќе бидат поставени во паркот во населбата „8-ми Ноември“.

- Очекуваме годинава да ги рушиме сите рекорди на продадени пастрмајлии, но и апелираме од петок до недела штипјани своите возила да ги остават дома. За подобра организација низ градот ќе бидат поставени патокози кои ќе водат до локацијата Дујле, како и видео-бимови на кои ќе се следи целата манифестација, вели Ристов.

Штипските угостители за оваа година се договорија пастрмалиите да ги продаваат по цена од 120 денари, а и колку месо и тесто да се користи при правењето на овој специјалитет не штедејќи за да бидат задоволни посетителите. 

Штипјани и гостите на манифестацијата во сабота ќе ги забавуваат Калиопи и Жељко Самарџиќ, а во недела ќе настапи познатата балканска пејачка Цеца Ражњатовиќ.