Македонија
7. August 2016 - 22:43

Во Крива Паланка се собираше помош за настраданите од невремето

Општинските власти од Крива Паланка, политичките партии, бројни правни и физички лица се одзваа на повикот за донации за помош на настраданите во невремето во Скопје.

Акција за помош и собирање средства организираше Унијата на жени при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка.

- Хуманоста ја покажаа буквално сите кривопаланчани, кои масовно се одзваа на повикот. Донираа градоначалникот, претседателот на Советот, но и голем број граѓани од приватниот сектор и физички лица. За три часа, колку што траеше акцијата, од 18 до 21 часот собрани се големи количини вода во шишиња, средства за хигиена и парични средства, она што во овој момент им е најпотребно на настраданите, изјави Елена Митовска – Давидовска, претседател на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ од Крива Паланка.

Таа изрази сочувство до семејствата на сите настрадани во катастрофалното невреме.

- Големо жалење до сите семјства, сочувство до семејството Велиновски до Крива Паланка, кое во оваа непогода трагично ги изгуби двата члена, мајка и малолетен син, додаде Митовска – Давидовска.

Во приправност се екипите на Дирекцијата за заштита и спасување од Крива Паланка, Територијалната противпожарна единица, како и тимот за одговор и дејствување при катастрофи при Општинската организација на Црвен Крст Крива Паланка, кои како што информираа, се во постојана координација со Националното координативно тело.