Македонија
11. March 2017 - 9:17

„Виенски бал“ во Скопје

Во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус”, под покровителство на Амбасадата на Република Австрија во Македонија вечер ќе се одржи традиционалниот 18. по ред „Виенскиот бал“ во Скопје.

Како што наведуваат организаторите, „Виенскиот бал“ во Скопје е традиционална културно-музичка манифестација, резултат и потврда за македонско-австриската сорботка на полето на културата и уметноста.

- Скопје е една од привилегираните метрополи во светот што имаат свој Виенски бал, кој е и најуспешен во регионот со оглед на континуитетот на одржување, квалитетот на организацијата и програмата, кои придонесуваат за огромен интерес за оваа уникатна манифестација, се наведува за манифетсацијата.

Оркестарот „Јохан Штраус“ годинава ќе музицира под диригенство на маестро Емин Џијан. Танчери на танцовиот клуб „Прима Данца“ ќе ја забавуваат публиката со атрактивни танцови точки.

Посетителите ќе танцуваат на познатите поп-хитови и евергрини во изведба на Џон Илија Апелгрен, Дејан Бобиќ – Дексо, Калина Велковска, „Свингерси бенд“ и „Џез Биг Бенд – ЗЏМ“.

Балот во Скопје, традиционално има хуманитарен карактер. Годинава, дел од средствата ќе бидат донирани на Здружението на граѓани за третман на лицата со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“.