Македонија
29. December 2015 - 16:31

„Весел ЗОО парк“ од Киро Донев во издание на „Македоника литера“

„Македоника литера“ од Скопје ја објави книгата за деца „Весел ЗОО парк“ од Киро Донев, во која главните јунаци се животните кои ќе ги покажат сите свои итроштини.

- Како и повеќето од 40-те книги на Киро Донев, е наменета за деца од помала возраст – од пет до 12-годишна возраст. И овде, како што е карактеристично за него во некои прозни дела, раскажува во рима, со стихувани реченици и неговата проза се доживува како своевидна поезија во проза, исполнета со инвентивен хумор. Киро Донев има свој препознатлив стилско-лексички исказ, духовит и динамичен ритам со рима и во македонската литература има високо реноме на голем мајстор на прозата за деца од мала возраст, соопшти издавачот.

Книгата е илустрирана со цртежи на Ленче Тосева. Ова дело на Донев неодамна беше објавено на украински јазик, додека во 2016 година ќе биде објавено и на бугарски јазик.

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, пред се прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници, а за своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија.