Македонија
1. April 2021 - 11:33

Вакцините на „АстраЗенека“ што стигнаа во земјава имаат рок на траење до 31 мај

Вакцините на „АстраЗенека“ што стигнаа во земјава преку КОВАКС системот со кои почна имунизацијата на граѓаните на возраст над 77 години имаат рок на траење од шест месеци откако се произведени, пишува Слободен печат.

„Дозите на вакцини кои стигнаа во нашата земја, се со рок на траење до јуни 2021 година, односно заклучно со 31 мај 2021 година“ – информираат од Министерството за здравство.

Вакцината од оваа пратка покрај за повозрасните од 77 години кои добиле термин за неа преку матичните лекари, е наменета и за вработените од критичната инфраструктура, односно АРМ, МВР, учителките, возачите на ЈСП, новинарите.

Во меѓувреме вакцината на „АстраЗенека“ во земјава не се дава на лица кои се помлади од 60 години како мерка на дополнителна претпазливост, откако Германија и Канада ја запреа вакцинацијата поради тромбоза што се јавува кај некои од луѓето што примиле вакцина.