Македонија
15. October 2024 - 16:42

Додека во ЕУ се одлучува едногласно, Македонија не може да почне преговори без уставни измени

Вметнувањето на Бугарите во Уставот е последниот чекор кон отворање на преговорите со ЕУ. По средбата со Муцунски, германската министерка за надворешни работи вели дека лично се залага за укинување на едногласноста во Унијата при носење одлуки за проширувањето, но додека тој принцип не се смени Македонија мора да ги почитува компромисите. Според министерот Муцунски пак стартот на преговорите со Македонија е од стратешки и безбедносен интерес не само за регионот, туку и за самата ЕУ.

 „Вметнувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ. Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда кон  Македонија. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат, вели Аналена Бербок

Германија е предводник на европската перспектива на нашата земја и на целиот регион, а силниот фокус на спроведување на реформите останува во центарот на пристапот на новата влада“, нагласи Муцунски.

На вториот ден од посетата на Берлин, премиерот Мицкоски пред Стопанската комора на Германија ги презентираше економските планови и можностите за инвестирање.

Голем дел од компаниите коишто беа присутни на овој состанок се веќе присутни со свои производни погони кај нас. Имаше и такви компании коишто недвосмислено изразија желба да инвестираат кај нас да бидат присутни на македонскиот пазар. Нормално разменивме детали за понатамошен контакт и мислам дека многу скоро денеска ќе бидеме посетени ќе ги отвориме преговорите за можно нивно инвестирање. Наша цел како Влада уште од самиот почеток беше подобрување на инвестициската клима и зголемување на инвестициската активност на компаниите, не само домашните и странските исто така, рече Мицкоски

Мицкоски вчера се сретна и со германскиот канцелар при што беше потврдена германската поддршка за европските интеграции на државата, а Шолц потенцираше дека Унијата нема да биде комплетна без земјите од регионот.

 По средбата Мицкоски порача дека владата нема да  води дипломатија на свиткана кичма, туку  дипломатија која ќе се темели на аргументи и ќе ги брани интересите на државата.