Меѓународен ден на белиот стап: Како е да се живее со оштетен вид во Македонија?
Овие два знака се единствените кои кажуваат дека се наоѓате до Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Јована Трајчевска е четврта година средно и учи за физиотерапевт. Вели, сака постојано да шета, а често се качува и на Водно.
Но надвор од оградата на училиштето светот за неа е небезбеден. Ме однесе на прошетка, и тоа само околу школото. Уште на излегување од главната порта наидовме на првиот проблем. Возилата се паркирани на тротоарот, бидејќи паркинг нема. Но нема ниту тротоар. Јована и нејзините соученици се принудени секој ден да ризикуваат за да стигнат и до најблиската продавница.
Но и таму кадешто нема возила, тротоарите се претесни.
-Нашата култура на државно ниво е таква каква што е. Тука многу често ќе си застанат луѓе, си прават муабет среде тротоар, ќе дојде некој велосипедист, ќе дојдам јас и едноставно самото разминување е невозможно, вели Јована.
Онаму кадешто има место, пак, често е валкано. Ѓубрето и паднатите листови за мене не се никаков проблем, но за Јована се дезориентирачки.
„Доколку можеш да дадеш една оценка за тоа каква е инфраструктурата во главниот град за лицата со оштетен вид. На оценка од 1 до 5 со каква оценка би ја оценила?“
-Дефинитивно единица. Никаква е самата инфраструктура. Јас како млада личност постојано сум излезена, некаде одам. Но, пак ќе кажам, не можам сама бидејќи самите улици воопшто не се прилагодени. Звучна сигнализација нема. Па и во градските автобуси има звучна сигнализација, меѓутоа никогаш не е пуштена. А ако е пуштена тоа е толку многу тивко, што едноставно е незначително. Јас сум во градските автобуси секојдневно но звучна сигнализација еднаш во месецот дали ќе слушнам, вели Јована.
Учи за физиотерапевт. Желба ѝ е да го продолжи образованието за да може да се усоворши и да биде поатрактивна на пазарот на труд.
Вели, работите се сменети во изминатите години. Таа сега има пристап до многу повеќе книги и материјали на браево писмо за разлика од повозрасните лица со оштетен вид.
-Тоа за среќа е една од ретките работи кои можам да ги пофалам. Затоа што браеви учебници и лектири многу активно се печатат во последните 2-3 години наназад, што е навистина за пофалба. Затоа што, пак ќе кажам, јас 13 години сум тука и професорите мораа да ми читаат или да снимаат аудио лекции или јас да пишувам во тетратка, а сега сето тоа е заменето со браеви учебници што е навистина голем чекор, вели таа.
Стравува дека кога ќе треба да се најде на пазарот на труд ќе има проблем. Појаснува дека со закон лицата со оштетен вид имаат предности при вработување, но во пракса, според искуствата на нејзини пријатели, тоа воопшто не е така.
Затоа смета дека е добро некој од нив да се вработи во институциите кои ги носат одлуките, како што е Владата на пример.
-Друго е кога јас самата би го кажала тоа што го чувствувам на своја кожа, друго е кога некој тоа ќе го каже некој што не го почувствувал тоа во својот живот, вели Јована.
За да ги видиме слепите и лицата со оштетен вид тие мора да излезат надвор од оградата на училиштето. Здружението „Видлива поддршка“ заедно со неколкумина волонтери и професори во школото ги однесе на прошетка во строгиот центар на градот за да го почувствуваат ноќниот живот во Скопје.
На кејот почнува патеката која треба да ги води. Но уште на самиот почеток се гледа и првиот проблем. Пакетата поминува до дрворед, па лицата се принудени да се движат само од едната страна.
Прошетаа по кејот, плоштадот, Камениот мост до Старата скопска Чаршија. Од Здружението велат, ваквите активности се прават за овие лица да можат да бидат што е можно посамостојни и самите да си ги завршуваат обрвските.
-Доколку овој тип на активности не се практикува од рана возраст, сѐ понатаму како поминува време е сѐ потешко и потешко. За жал познаваме лица со попреченост кои не ги користеле правилно вештините, не учеле правилно и во текот на животот им е многу потешко и се зависни од некого, вели Димче Миланов, претседател на здружението.
Единствен начин за лицата со оштетен вид да станат повидливи за општеството е ако излезат надвор.
-Надвор е сосема поразлично и сигурно ова искуство за нив ќе биде одлучно и во иднина мислам дека ќе им се всади во нивните глави и дека повеќе ќе сакаат да излегуваат и повеќе да го употребуваат белиот стап, вели професорката.
За лицата со оштетен вид да живеат нормално во оваа држава е потребно малку.
-Треба да им се овозможни нивна целосна самостојност со тоа што ќе изградат подобра инфраструктура, меѓутоа и ќе престена дискриминацијата во институциите, во вработувањето и би можеле тие да се вработат и да живеат сосема нормалне живот без да зависат од другите околу нив.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар