Бизнис
14. October 2024 - 16:37

Утре почнува грејната сезона, но основните училишта во Карпош ќе останат со студени радијатори

Утре почнува грејната сезона, но радијаторите нема да се згреат кај сите. ЕСМ информира дека општина Карпош побарала во осум училишта на нејзина територија да има парно од следниот месец.

На барање на Општина Карпош испораката на топлинска енергија нема да започне на 15 октомври туку од 1 ноември за сите основни општински училишта на територија на општината што ги користат услугите на „ЕСМ Снабдување со топлина“, а тоа се:
- ООУ „Братство“
- ООУ Јан Амос Коменски“
- ООУ „Димо Хаџи Димов“
- ООУ „Владо Тасевски“
- ООУ „Војдан Чернодрински“
- ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“
- ООУ „Лазо Трповски“
- ООУ „Петар Поп Арсов
“, велат од ЕСМ.

Градоначалникот на Карпош, пак, вели дека осумте училишта имаат долг за парно од над 8 милиони денари – пари за кои рече дека треба да ги покрие Владата.

Јас се обратив до министерството за образование, тие ми рекоа дека немаат денар пари, како знам да се снаоѓам. Е сега, мене не ми е јасно, како имаа пари за „Мајка Тереза“ 36 милиони евра, а да си ги платат основните трошоци за да функционираат училиштата, за тоа нема пари. Да не се секира никој, греењето ќе си започне тогаш кога треба. Гледате времето какво е. Одиме на кошула, на кратки ракави, така што ќе си почне кога треба, а Владата на Република Македонија да си обезбеди пари за тоа што е должна да си обезбеди“ – Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Карпош

Портпаролката на Владата кажа дека ќе се направат проверки дали и за колкави долгови станува збор.

Она што го зборувавме е дека навистина претпријатијата се оставени големи долгови. Дозволете да провериме, согласно наводите кои се изнесени за тоа каква е ситуацијата, колкави се долговите и да ја информираме јавноста по однос на истото“ – Марија Митева, Портпарол на Владата

Освен основните училишта во Карпош, ладни радијатори ќе имаат и други 117 објекти каде сè уште не се обезбедени услови за испорака на топлинска енергија.

Согласно последната одлука на Регулаторната комисија, од 1 август сметките за парно за домаќинствата се пониски за 3,16 отсто, а околу 1.200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење имаат пониска цена за 17 отсто.