Македонија
4. January 2024 - 16:50

Уште една роденденска прослава на Ахмети во кабинетот на Груби

Лидерот на ДУИ Али Ахмети и оваа година не пропушти да го прослави својот роденден во државниот кабиент на Груби. Атмосферата со чад од цигари, но и гуслари кои го пратат Ахмети во пеењето ја пренесе токму првиот вицепремиер во честитката до својот лидер.

Освен славјето во неговиот кабиент, Груби дополнително објави и видео со временска рамка од „кариерата на Ахмети“ од студенски денови, преку командант на УЧК во Македонија, па се до пратеник и главен коалициски партнер речиси без исклучок во сите влади од 2001 година наваму. 

„Ретки се луѓето кои ја следат историјата и кои ја пишуваат историјата градејќи ја иднината. Го поздравуваме последниот преродбеник, на чело на нацијата, секогаш на вистинскиот пат! Али Ахмети со сè што е свето за албанството, на неговиот грб, денеска полни 65 години“, напиша Груби за својот партиски шеф.

На кабиентската роденденска прослава реагираа од опозциската ВМРО-ДПМНЕ. 

„Си пеат, мака немаат додека народот плаче поради нив. Имаме премиер кој по вински саеми пее, и друг лидер на власта кој по кабинети пее. Можеби затоа Дрин Ахмети купил огномет. Прашањето е кој всушност работи во оваа влада? Да беше нормална владата денес Груби ќе си поднесеше оставка поради журката во кабинет, а инспекторатот ќе поднесеше пријави поради кршење на законите и правилата.“, коментираат од партијата на Мицкоски. 

Ова не е прв пат лидерот на ДУИ или партиски функцинери од оваа партија да организираат приватни прослави токму во просториите на Министерството за политички систем. Токму поради тоа Груби доби и јавни забелешки од Антикорупциската комисија.

Но, додека Ахмети пее во државни кабинети, останатите албански лидери полека го формираат предизборниот обрач. Освен албанската опозиција на Меџити, Касами и Гаши кои веќе најавија логистичка помош за изборите од косовската „Самоопределување“, асистенција од Курти веројатно ќе добие и Алијанса на Таравари.

Впрочем лидерот на Алијанса бил на заедничката предновогодишна вечера во Приштина на Курти со албанскиот опозициски фронт.

Сепак, останува отворено прашањето дали по оваа средба Алијанса ќе се приклучи на Европскиот сојуз за промени против ДУИ. Пред оваа вечера, Таравари беше на средба и со Ахмети. Во партијата се уште доминатен став е на изборите да се оди самостојно.