Балкан
3. November 2017 - 22:27

Украинскиот амбасадор во Белград повика на консултации во Киев

Украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин денеска го повика амбасадорот на Украина во Србија, Олександер Александрович на консултации во Киев, по неговото интервју кое предизвика остри реакции на Белград.

Александрович во интервју на БИРН оцени дека на рускиот претседател Владимир Путин „не му е грижа за Србија“, туку дека само ја користи земјата за да создаде хаос, да поттикне нови војни на Балканот, меѓу кои и во Македонија и да ја уништи Европа.

Според Александрович, Русија „обучува српски платеници да убиваат Украинци“, ги искористила српските екстремисти „за организирање државен удар во Црна Гора“ и го поттикнува „српскиот сепаратизам“ во Република Српска.

- Русија го користи српскиот фактор да ја дестабилизира Македонија. Русија игра активна улога во спротивставувањето на косовските Срби ком косовските Албанци. Русија и продава авиони на Србија за да создаде тензии во односите со Хрватска, изјави украинскиот амбасадор во Белград, додавајќи дека тоа се само некои од причините поради кои западните земји ја предупредиле Србија од ризиците поради блискиот сојуз со Москва.

На ваквите изјави на Александрович вчера реагираше српското Министерство за надворешни работи, кое оцени дека украинскиот амбасадор се обидува да ги наруши односите  меѓу Србија и Русија.

- Скандалозните изјави на украинскиот амбасадор во Белград, Олександер Александрович, кој ја означи Србија како инструмент на Русија за дестабилизација на Балканот и на Европа се недопустливи, со што апелираме до украинската Влада да реагира на таквото однесување, за да не превземеме чекори кои се вообичени за вакви случаи, стои во реакцијата на државниот секретар на српското Министерство за надворешни работи, Ивица Тончев.

Српското Министерство оцени дека „фактот што Србија води избалансирана, коректна и доследна надворешна политика, изгледа не им одговара на оделни амбасадори, кои на недипломатски и непристоен начин се однесуваат кон земјата која им укажала гостопримство“.

- Активностите на украинскиот амбасадор се неуспешни обиди за нарушување на односите меѓу Србија и Русија, се констатира во реакцијата на српското Министерство за надворешни работи.