Македонија
11. December 2024 - 14:13

Расте откупната цена на тутунот

Тутунот започна да се откупува по цена од 400 денари за прва класа. Прв откупувач кој ја покачи цената од 375 на 400 за прва класа е компанијата „Пашоски“. „Пашоски“ му соопштил на Сојузот на тутунарски здруженија дека сите досегашни количини откупени по старата цена ќе бидат доплатени. Тутунопроизводоителите се надеваат дека ова е само почеток на зголемување на цената и дека таа и понатаму ќе расте.

„Се надеваме дека ова е само почеток на зголемување на цената. Имаме ние уште барања и не отстапуваме од нив, ако успееме тоа ќе биде во полза на тутунопроизводителите сигурно, но од друга страна мора да бидат задоволни и откупувачите. Македонските тутуни се барани низ цел свет, така што откупувачите да не се плашат дека нема да ги продадат“, истакна Кире Ристески, претседател на Сојуз на на тутунарски здруженија.

Во прва класа досега се откупени околу 3 милиони 720.000 килограми, во втора класа 13.000 килограми, а трета класа околу половина тон. 

„Од вкупно откупениот тутун исплатен е 40%, со просечна цена од 374,71 денар, сега тенденцијата на просечната цена ќе се зголеми затоа што е зголемена и цената на првата класа. А знаеме дека сега во моментов се откупува само прва класа“, истакна Ристески.

Вкупно во Македонија има само околу 17 милиони килограми, а откупувачите според склучените договори побарауваат 26 милиони килограми.